Штрајк на работниците од јавниот превоз во Амстердам, откажани околу 80 летови

На аеродромот Схипхол во Амстердам денеска беа откажани 80 летови, бидејќи националниот штрајк на вработените во јавниот превоз им отежна на патниците и персоналот да стигнат до третиот по големина европски аеродром.

Речиси сите возачи на возови, автобуси и трамваи во Холандија денеска спроведуваат 24-часовен штрајк во знак на протест против предложените реформи на пензискиот систем во земјата.

Авиокомпанија КЛМ ги советуваше патниците да го одложат своите планови и им понуди можност да презакажат на друг датум, без дополнителни трошоци.

Британскиот „Изи Јет“ откажа 24 летови откако управата на аеродромот побара од авиокомпаниите да го ограничат бројот на патници, кои доаѓаат на Схипхол што е можно повеќе.

Други авиокомпании кои откажале летови се „Јунајтед Ерлајнс“, „Флајби“ и „Рајанер“.

Штрајковите, кои доведоа до огромен сообраќајен метеж ширум големите холандски градови утринава, се дел од пошироките протести за кои се очекува утре да доведат до нови прекини во фабриките и меѓу работниците од јавните служби.

Синдикатите бараат од Владата да се откаже од своите планови за зголемување на возраста за пензионирање од сегашниот лимит од 66 години старост, како и да се олесни на луѓето кои вршат физички напорна работа да се пензионираат порано.