Што ќе се случи со парцелата на Клинички центар вредна 100 милиони евра?

Над 200 илјади квадратни метри во најатрактивниот дел од метрополата. Пазарната вредност на парцелата на која сега се наоѓа Клиничкиот Центар може да надмине и 100 милиони евра. Сепак, надлежните немаат одговор што ќе се случи со неа откако ќе бидат изградени новите болници – нов парк или поверојатно нови згради.

Моменталната локација како и изработката и донесувањето на урбанистички план со кој ќе се одреди за каква намена ќе се користи просторот во иднина, е во надлежност на единиците на локална самоуправа, во случајов општина Центар и Град Скопје“ велат за Алфа од Министерството за здравство.

Сите клиники од Водно ќе се преселат во Ѓорче, и оние кои се нови или реновирани како Гинекологија и Стоматологија. Дури и болниците кои по природата на работата треба да бидат одвоени како Инфективната ќе бидат дел од една целина.

Ќе бидат дел од интегриган капацитет којшто ќе понуди соодветна циркулација, функционална поврзаност и ќе може да постигне континуитет на пружање на здравствените услуги.

Од министерството не прецизираат кога точно ќе се почне со изградбата на новиот Клинички, но Венко Филипче, претходно, изрази надеж оти темелите ќе се удреле годинава.

Наместо предвидената сума од околу 120 милиони евра парите потребни за реализација на проектот на крај ќе чини и до четири пати повеќе или 480 милиони. Властите допрва ќе размислуваат за кредит за изградба на новиот Центар.

Локацијата во Ѓорче Петров беше избрана откако поради нерасчистени имотно правни односни пропадна идејата тој да се гради во Бардовци или Петровец.

До Веле Поле каде ќе никнат новите државни клиники побрзо се стигнува од Тетово и Гостивар отколку од Аеродром и Драчево.

Сања Трајковска Ставров