Што точно треба да се менува во учебниците по договорот на Историските комисии

Пердика Први нема да биде основач на македонската држава, а ќе изостане и делот дека основите на македонската црква ќе поставил апостол Павле: овие промени ќе мора да ги претрпи новиот учебник по историја за 6-то одделение бидејќи така се договорија историчарите од Комисијата. Овој текст за кралот Пердика Први ќе го нема во новиот учебник:

„За основач на македонската држава се смета кралот Пердика Први, кој владеел кон крајот на осмиот и во почетокот на седмиот век пред нашата ера“, пишува во учебникот.

И лекцијата за апостол Павле, ќе претрпи големи промени. Сегашниот текст дека „откако стекнал доста приврзаници, апостолот Павле основал христијански општини, кои биле првите христијански заедници во Македонија, но и во Европа“, ќе го има и во новиот учебник ама без Македонија. Ќе изостане и делот:

„Апостолот Павле со првите христијански општини во Македонија ги поставил основите на македонската црква“, пишува во учебникот.

Комисијата смета дека се „неосновани сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостолот и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Македонија“, па и ова не ќе го има во новите лекции за шестоодделенците.

Лекција за апостол Павле има и во седмо одделение, за чии промени се уште се преговара. Според овие препораки, и лекцијата во седмо за Охридска архиепископија ќе треба да се промени бидејќи таму пишува дека „македонската црква има свои корени во ранохристијанскиот период“.

Препораките велат дека попрецизни мора да бидат и историските карти на античката македонска држава и да соодветствуваат на конкретен временски период, кои сега се претставени како Македонија во стариот век. Ова се однесува на картите каде Македонија е со егејскиот и пиринскиот дел.

Сугестии Комисијата има и за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава, кои „содржат историски анахронизам“. Добар дел од  сегашниот учебник, е посветен на развојот на „македонската држава“, што практично целосно ќе биде променето.

И наместо за Античка Македонија, шесто- одделенци ќе учат за Тракија и Тракијците. За нив препораката е наместо шест пати, да се споменуваат исто колку и Римјаните и Илирите.

Сега, Тракија се споменува само еднаш и тоа во прашална форма –  дали знаете дека Спартак бил од Тракија?, а Тракијците петпати, во контекст на нивните односи со Илирите, Римјаните и античка Македонија на Филип Втори. Во новиот учебник ќе треба да ги има исто колку и Римјаните за подобро да се запознае културно-историското наследство во регионот.

Петтата препорака се однесува за претставувањето на некои антички заедници каде е потребно да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики. Во бугарскиот учебник се споменуваат само Дарданците, а во македонскиот, Пајонците, Дарданците, Мигдонците, што ќе треба да се изедначи.

 Бугарите имаат многу помалку задачи. Треба да посветат дел од некогашните народи кои живееле на терорија на Македонија, Албанија и другите поранешни југословенски републики, а исто така да се изостави делот за денешните бугарски земји односно да се презицира античкиот период. 

Викторија Миткова