Што со првачињата кои нема да се вакцинираат и покрај ултиматумот?

Владата нема стратегија што ќе се прави со децата кои нема да можат да се запишат во училиште оти не се вакцинирани и чии родители нема да ја променат одлуката по ниедна цена. Оставени се во вакуум простор, односно не се знае што ќе се случува со нив. Дали можеби ќе им се даде можност да учат изолирано од вообичаените училишни простории и да не се мешаат со другите или пак постои некаков друг план? Во моментот нема солуција, оти за тоа не се дискутирало. Владата допрва ќе решава, за сега само има одлука сите училишта да ги примат пријавите за првачиња, а дали ќе бидат запишани во септември ќе зависи од вакцинирањето. Но повторно виси прашањето: што со тие што нема да се вакцинираат.
Она што до овој момент се знае e дека родителите кои нема да дозволат вакцинирање ќе треба да платат казни. Велат се чувствуваат уценети но нема да отстапат, надевајќи се дека сепак ќе можат да ги запишат децата.
Министерот Филипче останува на ставот, вакцинацијата била единствениот начин да се стави крај на епидемијата.
За споредба, во Белгија на пример, родителите имаат неколку опции на располагање: децата да се вакцинираат во здравствените пунктови каде тоа се врши со вакцини со кои располага државата, да си купат сами од каде што мислат дека треба па кај матичниот лекар да ја завршат работата или пак да не ги вакцинираат децата – а во случај на епидемија, да ги чуваат дома во карантин, односно да не одат на настава, додека вонредната состојба не заврши.
Искра Коровешовска