Што ни донесе протоколот: Немаше да ја менуваме историјата, ама сепак ќе мораме да ја менуваме ако сакаме напредок кон ЕУ!

Историјата немаше да биде дел од преговарачката рамка, ама сепак ќе мораме да ја менуваме ако сакаме напредок во преговорите со Европската Унија. А за тоа добивме и рок со протоколот кој е дел од францускиот предлог. Најдоцна за две годни ќе мораме да ги промениме учебниците, ако не сакаме да добиеме нова блокада.

-Двете држави, не покасно од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, се вели во протоколот.

Иако власта цело време се фали со својата транспарентност во однос на спорот со Бугарија и дека се што ќе биде договорено ќе биде соопштено, сепак доколку го прочитаме протоколот не е така. Никој ниту слушнал, ниту знае што е договорено на темата Цар Самоил, а во протоколот пишува дека лекциите во однос на Самоиловата држава ќе бидат менувани. Што и како ќе биде менувано останува само да видиме, дали можеби ќе биде менувана и таблата на Самоиловата тврдина во Охрид.

-Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Северна Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, се вели во протоколот.

Покрај историјата, ќе мораме да менуваме и учебници по географија, ќе мораме да си ги избришиме според протоколот неоснованите етнички или територијални претензии кон Бугарија.

-Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии. Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета, се вели во протоколот.

Иако власта се обидува да ја продаде тезата дека со прифаќањето на францускиот предлог веќе ги започнуваме преговорите, сепак во протколот кој толку време се криеше јасно е напишано дека за тоа ќе мораме прво да го промениме Уставот, па да ги започнеме оние реални преговори, кои не се првата меѓувладина конференција што следи.

-Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот на Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување, се вели во протоколот.

Покрај тоа што веќе јасно е дека нема да смееме да ги нарекуваме Бугарите фашисти, сега тие ќе ни помогнат да докажеме дека биле наводни македонски жртви во времето на комунистичка Југославија.

-Бугарија ќе продолжи да обезбедува пристап во архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање, со што ќе продолжи да создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, публикување и институционално складирање и заштита на соодветните документи, се вели во протоколот.

Покрај се ова, јасно е дека за реално стартување на преговорите ќе мораме да го отвориме и промениме и Уставот, односно во него да ги ставиме Бугарите. Доколку тоа не го сториме, а во моментов тоа личи далеку од изводливо, по се изгледа само си поставивме нови пречки на европскиот пат, пречки кои досега ги немавме.

Матеја Петровски