Штом нема лидерска, од утре ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието

Активна блокада на законодавниот дом од утре почнува опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Едногласно била прифатена одлуката која што претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата за од 10-ти мај.  

Епилогот активна блокада уследува откако претходно Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните, економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на граѓаните. Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори покажува дека всушност и тој е свесен дека е премиер на Влада која што нема поддршка од народот.

Опозицијата ќе ги блокира сите закони, единствено ќе учествуваат во дебатата за ребалансот на буџетот.

Пуштањето на закони со европско знаменце и злоупотребата има граници. Последниот извештај на ЕК токму тоа го нотира. Доколку бидат паметни законите ќе си ги пуштат во нормална процедура, за да не убедат прво нас, па граѓаните, дека тоа што го прават е исправно. Во спротивно тоа ќе биде мотив плус, односно злоупотреба на процедурите.  

Колку долго ќе се блокира процесот на носење закони во македонскиот парламент од опозицијата велат дополнително ќе пресечат, а наједноставно би било до пад на оваа влада, и одржување на предвремени парламентарни избори. На ова реагираа од СДСМ. Според нив неодговорна, штетна и анти-државна била одлуката за блокада на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Соцјал-демократите сега ја осудуваат блокадата на парламентот, а додека беа во опозиција во три наврати не седеа во Пленарна сала.  И сегашниот спикер Џафери еднаш со молк ја блокираше работата откако неговата партија, ДУИ, поднесе илјадници амандмани.

Викторија Миткова