Шпекулација дека може да се крене рампата доведе до протести во Бугарија- Софија останува цврста на своите ставови

Шпекулациите во јавноста дека е можно Бугарија да ја крене рампата за европскиот пат на Македонија, доведоа до протести во Софија, на кои се бара оставка од премиерот Кирил Петков и целата негова Влада.

Ова доаѓа откако Петков кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија, а тие биле подготвени да ја кренат рампата за нашиот европски пат, но само доколку ги исполниме сите услови дадени од Софија.

-Најдоброто за Бугарија е да обиколена од стабилни соседи кои се дел од европското семејство. Албанија и Македонија имаат место во Европската Унија. За да може Бугарија да го крене ветото за Македонија прво треба да бидат исполнети сите услови и да се создадат гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство. Секоја одлука во оваа насока ќе биде донесена пратена до Собранието, изјави Петков.

Стравот дека е можно да се попушти во однос на спорот со Бугарија, во медиумите го врати и Красимир Каракачанов, кој порача дека луѓето во бугарската Влада биле подготвени да направат најголемо предавство.

-Тие луѓе кои што беа поставени на власт, за да направат некаква промена, се подготвени да го направат најголемото национално предавство, предавајќи ги бугарските интереси во Македонија, изјави Каракачанов.

Условите кои Бугарија ги постави до Македонија се добро познати, а тешко дека во наредниов период би дошло до договор за овие прашања, па поради тоа и кај македонската власт дојде до пад на евро оптимизмот.

-Сметам дека нема доволно енергија и капитал оваа Влада да се посвети на една тема, откако ќе се затвори овој прозоцер на можности, ќе мора да се свртиме на внатрешните прашања во државата. Што тоа значи, ќе треба нормално Европската унија да одлучи што понатаму. Но, топката веќе не е во нашиот двор, топката е веќе во Софија, затоа што ние направивме се што можевме да се направи како еден конструктивен партнер во овие преговори, порача Османи.

Сосем извесно е дека Македонија ќе добие ново бугарско вето и во јуни оваа година, што го наговести и бугарскиот претседател Румен Радев.

Матеја Петровски

Поврзани вести