Шолц дојде на два часа во македонската Влада: Не поддржувале, ама кога ќе почнеме преговори не знае

Со декларативна поддршка, но без временска рамка кога ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија, вака заврши двочасовната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц во Владата на Македонија. По средбата со премиерот Димитар Ковачевски, ни порача дека сме исполниле се што е потребно за да преговараме со ЕУ, но дали тоа ќе се случи во текот на овој јуни или ќе мора да почекаме уште не кажа.

-(Господине Шолц како што сам кажавте на Македонија многу пати и беше ветувано дека ќе ги започне преговорите со Европската унија, а за волја на вистината на тој пат сторивме многу, па дури и го променивме името, па интересира конечно една временска рамка кога Македонија би ги стартувала овие преговори?) Многу напори се направија Македонија, како и Албанија, заслужија сега овие конкретни разговори и преговори да започнат, а не да бидат понатаму пролонгирани. Ние ќе се заложиме за тоа да биде можно тоа, изјави Шолц.  

Ковачевски се заблагодари на поддршката која доаѓала од Берлин. Околу европската иднина ги повтори истите зборови од претходно, дека сме исполниле многу повеќе од други држави, кои со години преговарале со Европската Унија.

-Доколку ги споредиме усогласувањата по поглавја, тогаш многу јасно се гледа од извештаите на европските институции дека Македонија има усогласеност во одредени поглавја поголема од држави кои што веќе 10 и повеќе години преговараат со Европската унија, изјави Ковачевски.

Повторување на ставовите од Ковачевски имаше и за спорот со Бугарија. Според премиерот тие прашањето со Македонија си го политизирале и во внатрешни цели, што не било случај од наша страна.

-Ние во ниту еден момент, ова прашање како Влада и владејачка коалиција не го инструментализиравме и не го политизиравме заради дневни политички поени или водење на внатрешна политика во државата. Сосема спротивно на тоа, во Република Бугарија ова прашање беше издигнато на ниво на внатрешна политика во нивната држава, често пати беше инструментализирано и политизирано, што не е добро, изјави Ковачевски.

Шолц беше запрашан и околу новата Европска заедница т.н. европска втора лига, која е предлог на Емануел Макрон, а е поддржана и од Германија. На прашањето дали тоа е еден вид утеха за земјите кои долги години чекаат пред портите на ЕУ, и порака дека ќе треба да чекаат уште многу време, кратко одговори НЕ.

Матеја Петровски

Advertisements