Шилегов ја сподели маката со скопјани: И јас го дишам истиот загаден воздух

„Дишеме отров секоја зима. Ќе ставиме крај на градежното дивеење низ градот. Ќе го направиме Скопје онака како што доликува. Нема повеќе да има градежна дозвола, ако не се засадат пет дрва за секој стан.“

Вака говореше Петре Шилегов пред да биде избран за градоначалник. Една година потоа, скопјани сè уште дишат отров, а ниту еден од инвеститорите заслужни за зградите што никнуваат на секој чекор во главниот град, нема засадено по 5 дрвја за стан.

„Невидливиот убиец“, како што светските здравствените организации го нарекуваат загадувањето на воздухот е главната причина за предвремена смрт во 41 од европските земји.

Бугарија, Полска и Словачка имаат најлош квалитет на воздухот во Европа. Најлоша е состојбата во Македонија.

Вака деновиве известуваат светските медиуми. И без статистиката од вообичаено најзагадените скопски општини Гази Баба и Лисиче, македонската метропола се најде на шестото место по загаденост во светот на глобалната апликација Ер Вижуал („Air Visual“). Но, за Град Скопје овие извештаи не се загрижувачки. Реакцијата што пристигна од таму гласи „поголемо загадување е само моментално, на интервали, но во суштина загаденоста не ги надминува граничните вредности“.

Во меѓувреме, нема одговор од Министерство за животна средина за нефункционалните мерни станици. Од таму не одговараат на прашањата на Алфа кога истите ќе профункционираат и колку чини нивната поправка.

Се мобилизира граѓанскиот сектор. Расте бројот на скопјани што ја потпишуваат онлајн петиција на здружението „Еко-свест“. Во неа, меѓудругото, екологистите го советуваат градоначалникот на Скопје, како може да го намали аерозагадувањето.

Градоначалникот Шилегов, во последниот период, преку гостувања во медиумите, посочи дека се обидувал да го реши проблемот, но вели, не може да направи истиот да исчезне преку ноќ.