Шеќеринска контра Хојт Ји – Македонија спроведува реформи

Власта не гледа проблем кај себе. По критиките од Брисел и Вашингтон дека отсуствуваат реформи во целиот регион вицепремиерката Радмила Шеќеринска се правда – тоа се однесувало на другите а не на нас. Ние сме оделе наспроти ветрот и сме биле позитивен пример, смета таа.

Од друга страна поранешниот заменик на помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји порача дека е невозможен влез на земјите од Западен Балкан во Европската Унија до 2025-та година.

Нема потреба да се откажува од евроинтеграциите, но важно е да се биде искрен какви се изгледите на тој пат. Затоа што преправањето дека тоа е извесно и оти некои земји можат да станат членки до 2025 година, не само што им одмага на оние кои треба да спроведуваат реформи, туку ги охрабрува и клептократите, корумпираните функционери да им велат на луѓето дека членството ќе се случи за две, три, пет години и им дава повеќе кислород отколку што заслужуваат, вели поранешниот заменик на помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји.

Претходно слични пораки стигнаа и од седиштето на Европската Унија. Еврокомесарот Јоханес Хан на почетокот на месецов изјави дека Европската Комисија најверојатно ќе препорача подготвителна фаза на преговорите, а не преговори како што било случај со сите други земји кандидати досега, процес со што според Брисел би траел подолго од 10 години.Дека земјава е се подалеку од влез во Унијата потврда е и најновата нацрт – стратегија на Европскиот парламент во која нема ниту „П“ од очекуваното проширување. Напротив, европарламентарците се насочени кон други приоритети, како што се климатските промени, демографијата и урбанизацијата.

Мери Ѓорѓиевска