Шатори пред Владата – „Еурокомпозит“ на протест

Ништо од владините ветувања за решенија за прилепски „Еурокомпозит“, велат работниците прогласени за технолошки вишок што повторно со шатори се сместија пред владината зграда. Пред камерата на Алфа посочија дека тука ќе останат сè додека не се исполнат нивните барања – исплата на заостанатите 20 -тина плати, придонеси и отпремини.

Работниците од „Еурокомпозит“ се разочарани и од последната од низата средби со владините претставници. Овој пат вицепремиерот Анѓушев посочил дека од странски инвеститор што би вложил милионипол евра во фирмата би им се исплатиле само 30 % од побарувањата. Овој предлог за нив е неприфатлив.

Утре следи и нова средба, со премиерот Заев, од кого работниците од прилепскиот загубар очекуваат конечно да го реши нивниот проблем, и со државни пари, наместо од странци, да ги исплатат обврските кон нив. Работниците од „Еурокомпозит“ со месеци си ги бараат 18-те заостанати плати, неисплатените придонеси за 7 години, како и ветената отпремнина 154 работници, бидејќи добар дел од нив доброволно прифатија да заминат како технолошки вишок. Прилепскиот загубар, само на вработените им должи околу 5 милиони евра.

Сања Трајковска Ставров