ЧЕТВРТИ ДЕН СЕ ТРАГА ПО ПОСЛЕДНИОТ ИСЧЕЗНАТ МАКЕДОНЕЦ ВО ГРЦИЈА

Грчките служби веќе четврти ден го бараат младиот Македонец Мартин кој во саботата исчезна во водите на Егејското море на Халкидики. Денес пристигна и неговото семејство од САД.

– Ја напуштив Америка за да дојдам во Грција, за да се обидам да го најдам моето дете. Имам голема вознемиреност и исчекување. Благодарност до сите што ни помагаат. И до властите и до волонтерите. Тимот на ОФКАТ е покрај нас од првиот момент и им благодарам за тоа што го прават. Имаме вера

Условите денеска се подобри, па во истрагата е употребен и подводен дрон со камера што има видливост на длабочина од 100 метри и фронтално на должина од 30 метри. Освен тоа, во спасувачката акција се вклучени три патролни бродови, возила и еден авион, како и спасувачки тимови-волонтери.

Се започна во саботата во попладневните часови, кога тројцата Македонци влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време биле однесени од морските струи и не можеле да се вратат на брегот. Две од момчињата, Васил и Иван беа спасени и се надвор од животна опасност. Иван поминал дури 20 часа во морето, но за среќа е пронајден жив благодарение на залутана топка во морето на која се придржувал.

Иван, како и неговиот пријател Васил, се загрижени и се молат за нивниот исчезнат пријател Мартин. Васил  веќе е пуштен од болница. Тој се вратил дома со семејството, а разговарал и со Иван, кој беше пронајден ден подоцна. Васил се присети на оваа страшна авантура и рече дека се надева дека Мартин е добро.

Заедно пливавме кога не повлече бран, го гледав околу еден час, а потоа го изгубив. Не знам што се случи со него, се молам да е добро. Се надевам дека е добро, надежта никогаш не умира – заврши Васил.

Драмата што се случи на Халкидики предупредува на опасноста на тие плажи поради силните морски струи и ветрови.

„Посиди“ е точка што го спојува Солунскиот Залив со Егејското Море. Обликот на плажата се менува со плимата и осеката. Некогаш крајниот десен дел „потонува“ во морето и не се гледа, а потоа излегува, но во поинаков облик од претходно.

Многу туристи се капат не водејќи сметка за морските струи кои се прилично силни, особено на врвот на ’ртот, и затоа не се препорачува оддалечување од брегот.

Бојана Златкова