Четворица разбојници со калашникови ја ограбија НЛБ Банка во Сарај

Вооружен грабеж во скопски Сарај. Претпладнево околу 10 часот и 40 минути разбојници со автоматски пушки ја ограбиле експозитура на НЛБ Банка во скопски Сарај. Алфа дознава дека четворица разбојници со оружје влегле во банката и под закана дека сите ќе ги убијат, ги собрале парите од сефот, по што избегале со џип. Неофицијално станува збор за украдени неколку десетици илјади евра.

Претставници на Банката се во постојан контакт со клиентите и вработените кои биле присутни во филијалата, ставајќи ја нивната безбедност и нивното здравје во преден план.

Полицијата на неколку локации низ Скопје врши претрес на возила и ги бара разбојниците.

Беше страшно, исто како на филм. Луѓе со црни маски на главите наеднаш излегоа од еден автомобил, и се упатија кон банката. Во рацете имаа калашњикови и ги вперија кон Трговскиот центар. Вака зборуваше очевидец од Сарај кој се плашеше јавно да зборува пред камера. Вели дека тука работел и стравува по неговата безбедност.

Од НЛБ велат дека парите на клиентите се сигурни бидејќи Банката има осигурување на целиот имот и средства.

– Во моментов сѐ уште нема детали за висината на направената штета. Надлежните органи вршат увид на самото место и се во блиска соработка со Банката за што побрзо и ефикасно разрешување на случајот и разоткривање на деталите, за што јавноста ќе биде дополнително известена, велат од НЛБ.

Полициски службеници се на лице местото и вршат увид, а СВР Скопје работи на расчистување на случајот. За среќа, никој не е повреден за време на грабежот, а разбојниците заминале во непознат правец.

Борис Грујоски