Честитки од државниот и политичкиот врв за празникот Свети Климент

По повод празникот честитки до МПЦ-ОА и до верниците упатија државниот и политичкиот врв на Македонија. Претседателот Стево Пендаровски во честитката вели дека овој ден има многу повеќе од духовно и религиозно значење.

„Неговата писателска и воопшто научно-образовна дејност е темелот на кој го базираме нашето духовно, културно и општествено постоење. Делото на Свети Климент Охридски ги надминува сите етнички и географски рамки заземајќи неизбришливо место во меморијата на човечката цивилизација и со гордост го споделуваме со нашите соседи и со целиот eвропски континент“ – вели претседателот Пендаровски.

Собранискиот спикер Талат Џафери во честитката вели дека ликот и делото на Св. Климент е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија.

„Обврска и чест е посветено да се негува тоа наследство, да се надгради и збогати со сета духовна и просветителска разноликост што е одлика на нашето општество. Просветлувањето на умот и издигнувањето над тесноградното гледање на светот е единствениот пат на обединувањето на граѓаните за напредокот на нашата заедничка држава“ – пишува во честитката на Џафери.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека мисијата на Св. Климент е поврзана со почетоците на македонската писменост и тоа е трајно врежано во македонскиот идентитет.

„Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во етаблирањето на нашата култура. Неговата мисија е директно поврзана со почетоците на македонската писменост и тоа е трајно врежано во нашиот, македонски идентитет“ – вели премиерот.

Во својата честитка опиозицискиот лидер Христијан Мицкоски наведува дека Свети Климент уште пред еден милениум знаел дека само грамотен народ е силен и неуништлив.

„Денес грамотен народ може да се спротивстави на современото зло на корупцијата и криминалот кој ја уништуваат нашата заедница и држава. Грамотен народ може да се спротивстави на владејачки елити кои го злоупотребуваат народот до исцрпување. Мисијата на Свети Климент Охридски треба да е поука за сите генерации дека чувањето на културната, јазичната и националната посебност како должност и аманет“ – пишува во честитката на Мицкоски.

Во спомен на Свети Климент, владина делегација составена од заменик министерот за правда Агим Нухиу и заменик министерот за финансии Филип Николоски, положи свежо цвеќе на неговиот споменик пред истоимената Националната универзитетска библиотека во Скопје.

Тања Попова

Advertisements