Честите измени на законите – најголем проблем за бизнисот

Честите измени на законите се еден од најголемите проблеми за бизнисот – покажа анкетата за оценка на бизнис средината во Македонија. Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека ова драстично им ги зголемува трошоците и им создава тешкотии во работењето. Бизнисмените сметаат дека соработката со Владата се подобрува, но дека во случајот со воведувањето на даночната реформа не биле послушани нивните барања.

Иако бизнисмените се оптимисти дека членството во НАТО ќе резултира со подобрување на економијата и повеќе странски инвестиции во земјава годинава, сепак се уште мака мачат со сивата економија. Бараат повеќе акции и контроли на инспекциите и поефикасен судски систем за да си ги заштитат своите права.

Лани 3 од 4 фирми ја оцениле деловната клима во земјава како иста или полоша од претходната година, а 44% од компаниите сметале дека недоволно се достапни информациите поврзани со правната усогласеност на фирмите. Во истражувањето свои мислења за бизнис климата во земјава дадоа над 500 компании.

Тања Попова