Чествување по повод 90 години од раѓањето на академиците Матеја Матевски и Гане Тодоровски

Во рамки на 20-та Литературна манифестација „Илинден 2019“, во Домот на култура „Илинден“ во Општина Илинден, се одржа чествување за академиците Матеја Матевски и Гане Тодоровски по повод 90-годишнината од нивното раѓање.

Беседа за животот и творештвото на академиците одржа Раде Силјан, а дел од нивното творештво на присутните им презентираа Паскал Гилевски, Драган Мијалковски, Антонио Павловски и Ивана Боцевска.

Во својата беседа Силјан истакна дека Матеја Матевски спаѓа во редот на челниците на современата македонска литература, кој во изминатите децении на богата и континуирана творечка дејност создаде дела кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како редок и стаменит творец, кој во нашиот простор востанови високи естетски стандарди.

Зборувајќи, пак, за Гане Тодоровски, Силјан рече дека во целокупното негово творештво тој бил опседнат со македонската судбина.

„Неговата поезија е величествена поема, истовремено и трагична и хуморна, нежна и темна, видовита и горда, полна со слики, кристално чисти, со далекусежни пораки. Во некои песни достигна поетско мајсторство, карактеристика на творци од голем формат“, истакна Раде Силјан.