Чадиковски даде отказ, Жан Митрев оперира, ама без лиценца – што му пресуди на проектот детска кардиохирургија?

Судирот во Клиниката „Жан Митрев“ за операции на срце на деца до една година добива нова димензија. Откако, детскиот хирург Владимир Чадиковски потврди дека заминува од оваа клиника, врвниот кардиохирург Митрев се пофали дека може да оперира и новороденчиња, и на веб -страницата на клиниката вчера објави оти успешно направил една од најтешките операции кај бебе со тим од клиниката. И покрај неговата многупати потврдена стручност и подготвеност, реалноста е оти Митрев нема лиценца за вакви операции.

Од лекарската комора, институција која ги издава лиценците, за Алфа потврдуваат дека единствен кардиохирург што е лиценциран да оперира деца под една година е д-р Владимир Чадиковски. Оттаму додаваат, по протокол само специјалистот во конкретна област може да оперира.

Од Државниот здравствен инспекторат, за конкетната операција, велат дека немаат поднесено барање за делување од министерството, но ниту пак имале пријава за промена на кадарот во „Жан Митрев“. Засега, поради, ова, не сакаат да говорат јавно, но уверуваат оти ако некој ги прекршил процедурите, ќе сноси санкции, но не прецизнираа кој ќе ја понесе одговорноста доколку некоја од операциите на деца заврши фатално, надлежни биле само за кадарот и опремата.

Чадиковски, 20 години работеше во државната детска хирургија по што пред околу шест месеци направи трансфер во болницата на „Жан Митрев“ за изведување на операции на срце кај бебиња и деца во современи услови, откако „падна договор“ за вид на јавно-приватно партнерство, па болницата на Жан Митрев ги доби државните пари и за овие операции.

Засега, Чадиковски не кажува кои се конкретните причини за неговото заминување. Неофицијално, тие „лежат“ во непочитување на договорени обврски од страна на одговорните во болницата, неисполнување на обврските од Министерстото за здравство, импровизации кои се правеле во текот на работењето. Според неофицијалните информации, Чадиковски и тимот веќе преговараат со друга приватна болница.

Министерот за здравство Филипче ја потврди претходно дадената изјава дека и покрај заминувањето на Чадиковски, третманот на децата во „Жан Митрев“ ќе продолжи.

Но, низа прашања остануваат неодговорени, бидејќи условот за операции на деца под една година да и се дадат на приватна клиника беше префрлањето на тимот од државната детска хирургија на чело со Чадиковски и ако нема разлика помеѓу кардиохирургијата за возрасни и неонаталната кардиохирургија зошто не им се даде дозвола за работа и на други приватни болници?

Сања Трајковска Ставров