Чавков во притвор – Ја најави ли ОЈО пресудата за 27-ми април?

Со барањето притвор за поранешниот директор на БЈБ и Министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој експресно беше одобрен од судот, се чини дека Основното Јавно Обвинителство ја најави пресудата за Чавков која ќе биде изречена во петок, на 15-ти март, од страна на судијката Добрила Кацарска во случајот за 27-ми април во кој останаа 18 лица после амнестијата изгласана од Собранието на Република Македонија.

ОЈО преку соопштение тврди дека „по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор.“

Според Законот за Кривична Постапка, пресудата е тајна и не смее да ја дознае никој надвор од кругот на членовите на Судечкиот Совет кои ја носат со гласање, пред нејзиното јавно соопштување.

Митко Чавков досега не се даде во бегство иако веќе 316 дена се бранеше од слобода, откако му беше прифатена гаранција од 600.000 евра.

Но, на три дена пред соопштувањето на пресудата, судот се премисли и го уважи барањето на ОЈО, кој според ЗКП во сите процеси и на сите судења е странка – исто како и одбраната (во случајов Митко Чавков), па екс-директорот на БЈБ експресно беше спроведен во притворското оделение на затворот во Шуто Оризари.

Митко Чавков не побара амнестија.