Црн биланс на македoнските патишта – пет сообраќајки за 24 часа

Кобна вечер на македонските патишта. Пет сообраќајни незгоди низ државата, од кои една и со смртни последици го наполнија полицискиот билтен за изминатото деноноќие. Најфатална била сообраќајката кај тетовска Брвеница кога 22 годишен тетовец со возило БМВ, удрил во велосипедист на возраст од 61 година. Од стравичниот удар на лице место починал велосипедистот.

Сообраќајни несреќи имало и во Крива Паланка, на регионалниот пат Маврово-Гостивар, во Куманово, каде со тешки телесни повреди завршиле три лица.

Во Скопје вчера утрото, потешко е повреден 40 годишен скопјанец, во него удрил мерцедес, а возачот по несреќата побегнал со возилото. Сообраќајната несреќа се случила на Булеварот Јане Сандански во 2 часот утрото. Пешакот со тешки телесни повреди бил пренесен во клиниката мајка Тереза. Полицијата го бара возачот.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе апелираа возачите да бидат внимателни и одговорни и да не возат доколку конзумираат алкохол за време на новогодишните празници.
Идентична порака испрати и МВР од каде апелираат до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол.

Ивана Соколовиќ Најдова