Црковни извори за Алфа: Автономијата на МПЦ-ОА е преодна фаза до афтокефалност

МПЦ-ОА се уште без официјален став по одлуката на СПЦ за одредување канонско единство и автономија, но не и автокефалност.

Високи црковни извори за Алфа брифираат дека двете цркви веќе се имаат договорено за доделување автокефалност, а автономијата е само преодна фаза, како што налагаат канонските правила. Токму на вчерашниот Собор на СПЦ бил направен првиот чекор во оваа нассока.

„Ако вчерашната одлука беше конечна, Синодот ќе излезеше со официјален став и ќе ја бранеше, но ова е само почеток не и крај на процесот“ велат црковните извори за Алфа.

Ова индиректно го потврдува и владиката Петар кој е единствниот што засега излезе со официјален коментар велејќи дека одлуката на СПЦ е позитивен исчекор, но не и конечен исход.

„Одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со – Охридска архиепископија е чекор напред во односите меѓу двете цркви. Вселенската патријаршија нѐ упати на Српската православна црква да ги уредиме управните прашања меѓу двете цркви во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Штом српската црква прифатила да ги решаваме овие прашања, не гледам што би можело да биде негативно во овој процес“ вели Владиката Петар во изјава за Дојче Веле на македонски.

И Саборот на СПЦ најави дека допрва следува дијалог за статусот на епархиите во Македонија.

„Во дијалогот за нивниот иден и евентуално конечен канонски статус СПЦ ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко – канонските и црковните начела и норми и нема да ги зема предвид реалполитичките, геополитичките, црковнополитичките и други слични фактори или еднострани иницијатици“ се наведува во соопштението.

Следниот исчекор е можен веќе задутре, за кога е најавена заедничка литургија за помирување во храмот Свети Сава во Белград на која ќе богослужат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.

Викторија Миткова

Advertisements

Поврзани вести