Црковни аналитичари: Нашата црква доби континуитет со древната Охридска Архиепископија

Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија е причина за радост не само кај нас, туку во целиот православен свет. Со неа практично се разрешува последниот поголем црковен раскол во нашето време, смета црковниот историчар Драган Зајковски. Според него Патријархот Вартоломеј го искористил своето историско и канонско право: го исцели расколот, ја крена шизмата и воспостави канонско единство со нашата јерархија.
Околу дискусијата која се покрена околу именувањето, професорот пишува, дека ниту една помесна црква во Православието не е призната како „национална“ црква и не е запишана со национален предзнак, туку според историското седиште на претстојателот и на синодот.
“Вселенската Патријаршија, значи, ја признава нашата Црква под нејзиното историско и еклисиолошки исправно име „Охридска Архиепископија“. Со тоа на нашата црковна јерархија ѝ се признава историската и преемствена поврзаност со древната Охридска Архиепископија, која навлегла длабоко во историската и колективна свест на македонскиот народ. Дополнително, таквото поврзување со древната ОА ни признава црковен континуитет од еден цел милениум. Кога сме, веќе, кај терминот „Македонска“, неопходно е да разјасниме дека првиот дел на сегашното име на Црквата – МПЦ, фигурира на историската сцена само педесетина години“ пишува професор Драган Зајковски, црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја.
За афтокефалноста на МПЦ- ОА сега треба да одлучува Српската Црква односно Печката Патријаршија. СПЦ до сега не излезе со официјален став, поголем дел од експертите кај нашиот северен сосед се резервирани околу признавањето од Константинопол.
Со овој потег, Светиот синод на Вселенската Патријаршија на чие чело се наоѓа Патријархот Вартоломеј, направи еден чекор на своја рака и ја призна православната црква во Северна Македонија. Иако немаат добиено томос на самојстојност (афтокефалност) која секоја православна црква го добија кога ја признаваат, сепак во сооштението Синодот се признати како „браќа која повеќе не се во раскол со првославните верници“- вели Предраг Ѓоќиќ, српски верски аналитичар.
Кај источниот сосед пак, познавачите на црковното прашање, не можат да се помират дека Вселенската Патријаршија ја призна Охридската архиепископија како Црква на македонска територија
„Признавањето на Охридската архиепископија како независна црква е предавство на националните интереси на Бугарија и вредностите на Бугарија и бугарската кауза во Македонија“ пишуваат дел од бугарските медиуми.
Викторија Миткова