Црквата повика на масовност во четврток: Не сме против ничии права, туку против закони кои го редифинираат општеството
Црквата има систем на вредности што е апсолутен контраст и спротивен на тоа што ќе го донесат законските измени за родова еднаквост и матична евиденција. МПЦ-ОА не е против никого, особено не против остварувањето на нечии права, но во случајот тоа би ги загрозило правата на мнозинството или над 99 проценти од населението во Македонија, велат од црквата. Тие имаат и свои предлози за овие закони, но строго се противат на контекстот што му се дава на поимот род.
- „Со законските измени отворате пандорина кутија секој ден да излегуваат разноразни родови и секој да биде што ќе посака, просто тоа е нешто на кое не сме навикнати и не го прифаќаме. Во демократско општество градењето на законите мора да зрее паралелно со потребата но и со подготвеноста на една заедница да ги прифати промените, тука чувствуваме дека се врши насилство врз волјата на народот“, заклучи тој.
Без говор на омраза и скандирање, црквата повикува на мирен протест во четврток пред скопскиот соборен храм со кој како што велат, ќе кажат „не“ за законските решенија. Црквата очекува присуство од останатите верски заедница.
- „Црквата е жив организам составен од конкретни луѓе – заедница која има вредносен систем. Сметаме дека овие закони ќе го загрозат нашето право на вероисповест заради тоа што ќе се редефенира целото општество и ќе се ограничи слободата на говор, со членот за родово-сензитивниот јазик. Би сакал да кажам дека како Црква се огрaдуваме од било каква злоупотреба во некакви свои цели. Не поддржуваме говор на омраза, ниту скандирања и повикуваме на мирни протести. Нашето присуство ќе значи дека не се согласуваме со вакви предлог-решенија“, рече отец Јаков Стобиски.
Од друга страна, двата предлог закони се пристигнати во Собранието. Законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка но се уште се не е ставен на дневен ред. Измените за родова еднаквост уште не се влезени во собраниска процедура. За такви закони поддршка нема да даде ниту Талат Џафери од владејачкото мнозинство од каде се дојде предлогот.
- Ова не е само закон, вели тој и додава, и ако е за Европа, ова е последното нешто што треба да се направи за Европа – порача претседателот на Собранието.
Со овие законски измени треба да се направат промени во дефинирање на родовата политика во матичната евиденција, на тој начин што и оние лица кои не го промениле физичкиот пол, ќе може родово да се изјаснуваат поинаку, односно како мажи, жени или трансродови лица. Неколку пратеници од ДОМ и СДСМ предлагаат секој граѓанин со наполнети 18 години, кој е деловно способен, и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот, со поднесување на барање на нотар.
Викторија Миткова