Црвенковски со иницијатива за нова стратегија за EУ
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски со иницијатива за нова стратегија за велзот на земјите од Западен Балкан во европското семејство. Екс шефот на СДСМ, но и поранешен премиер и претседател на Македонија даде предлог земјите од регионот кои чекаат преговори или пак ги започнале, а се заглавени, да се здружат и заедно до ЕУ да побараат пристап до европските фондови и европскиот пазар. На тој начин, смета Црвенковски, земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Од друга страна, како што рече, ЕУ би го зајакнала својот кредибилитет, како и влијание во регионот, и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.
Би сакал да ја искористам оваа можност пред вас, но и пред македонската јавност да промовирам една идеја за една таква иницијатива која по мое мислење заслужува внимание. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамки на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“, рече Црвенковски.
На трибина организирана од Советот на амбасадори, екс претседателот посочи дека забележува дека во однос на евроинтеграциите на Македонија, но и на нашите соседни земји, не се забележува некаков значаен напредок, вели Европската Унија нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан, вели Црвенковски, нудејќи ја својата идеја за полесно интегрирање на земјите во Унијата и за пополнување на вакум просторот додека чекаме да станеме полноправна членка. Црвенковски вели нешто мора да се преземе, оти за скоро нема да станеме членки.
Мора да признаам дека за мене се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата. Или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување, рече Црвенковски.
На крајот од своето излагање, Црвенковски упати апел до партиите: „На крајот, ако дозволите, би упатил една порака до политичките фактори во земјава. Ако оцените дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание, во ред, ќе ми биде драго. Ако сметате дека идејата е лоша или безвредна, повторно во ред, може да ја критикувате или едноставно да ја игнорирате. Но ве молам немојте да ѝ ставате партиски печат и да ја внесете во своите дневнополитички конфронтации“.
Мери Симоновска