Црвенковски: Од македонизмот ниту можеме ниту смееме да се откажеме

Јавно да велиш дека за националниот идентитет не разговараш, а за историјата „ќе се договориме“ е апсурдно. Ако ви ја земат историјата, станувате празна книга – остри критики од поранешниот претседател Бранко Црвенковски за начинот на кој власта ја води надворешната политика, посебно во врска со спорот со Бугарија. Според него, Договорот за добрососедство е голема грешка која не само што не реши ништо, туку ја отвори Пандорината кутија и и даде аргументи на Софија да не напаѓа.
Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници настани и личности. Ако тие ви бидат одземени, од националниот идентитет не останува ништо. Ние од македонизмот ниту можеме ниту смееме да се откажеме – изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Со ова Црвенковски директно му возврати на бугарскиот претседател Румен Радев кој се закани дека додека не се откажеме од македонизмот нема ништо од ЕУ. Екс-претседателот имаше и критики за Преспанскиот договор за кој вели дека бил избор на помалото зло, не чинел многу, а не ги исполни гаранциите за отворање на вратите кон Европа. Црвенковски ги критикуваше и сите институции надлежни за водење надворешна политика. Тој смета дека е несериозно клучните амбасади да бидат толку време без амабасаодри, а тие што ги предлагаат се од лошо-полошо.
Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4-5 години. Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво. Но, има и од лошо-полошо. Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени. Ова е прв таков случај во историјата на независна и суверена македонска државa – изјави Црвенковски.
Заклучоците од дебатата помеѓу поранешни амбасадори, универзитетски професори и поранешниот шеф на државава се дека помеѓу политичките елити мора да има поголема координација и соработка ако сакаме успех на политички, безбедносен но и економски план.
Адријана Алексиеска