Црвенковски: Не сум оптимист дека за пет години ќе станеме полноправна членка на ЕУ

Поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски денеска, на настан на кој учествуваше и Советот на амбасадори, упати критики за бавниот процес на евроинтеграциите на Западен Балкан. Новата методологија за преговори што ја предложи Франција, според него, нема резултати бидејќи процесот или стои во место или има симболичен напредок, а Македонија проблемот не треба да го гледа само од аспект на проблемот со Бугарија туку пошироко.

Затоа, според Црвенковски, потребна е нова стратегија за евроинтеграциите за што, тој денеска промовира иницијатива која значи регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и европските фондови.

„Ние земјите кандидатки за членство да ѝ помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на неговото интегрирање. Би сакал да ја искористам оваа можност пред вас, но и пред македонската јавност да промовирам една идеја за една таква иницијатива која по мое мислење заслужува внимание. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамки на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напоменам за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел“,

рече Црвенковски.

Бенефитите, според него, би биле што земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Од друга страна, како што рече, ЕУ би го зајакнала својот кредибилитет, како и влијание во регионот, и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.

Две варијанти за постигнување на целта

Поранешниот претседател на настанот презентира два начина како да се постигне оваа цел. Едната, рече, е да се искористи постојната Европска економска област.

„Да се потсетиме оваа организација е основана на 1 јануари 1994 година врз основа на договорот меѓу земјите членки на ЕФТА и во тоа време европската заедница, денес ЕУ. Со овој договор денес се овозможува Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар во ЕУ и без членство во ЕУ. За возврат тие се обврзани да ги усвојат и спроведуваат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар освен законите поврзани со земјоделство и рибарство. Дека членството во европската економска област не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ. На оваа тема имам разговарано со амбасадорот Јолевски тој има подготвено една“,

рече Црвенковски.

Втора варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во европската економска област, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови, според него, е доколку ЕУ истовремено потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан и со него би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.

„Не ѝ ставајте партиски печат на идејата“

Откако ја презентира, експретседателот побара од политичките партии да не ѝ ставаат партиски печат на оваа идеја.

„Ако оцените дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание, во ред, ќе ми биде мило. Ако сметате дека идејата е лоша и безвредна, повторно во ред – можете да ја критикувате или едноставно да ја игнорирате. Но, ве молам немојте да ѝ ставите партиски печат и да ја внесете во своите дневнополитички конфронтации. Не случајно се решив да ја промовирам токму тука пред советот на амбасадори, пред луѓе со големо живото и дипломатско искуство, но ви исто време што е многу важно, луѓе со различни политички припадности и ориентации“,

рече Црвенковски.

„Во овој момент не постои простор за поголем оптимизам ниту за наредните неколку години“

Пред да ја соопшти иницијативата, пак, тој упати критики за бавниот процес на евроинтеграции, што е и причината за идејата за нова стратегија. Дека процесот оди бавно, според него, покажува и тоа што ништо не се променило ниту од неговиот последен јавен настап во мај лани.

„Подготвувајќи се за денешниот настан, покрај други материјали го прочитав и моето обраќање од мај минатата година. Што заклучив? Дека за жал можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо битно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега без видлив и сериозен напредок. Тоа не се однесува само за Македонија туку и за другите земјите од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан“,

рече Црвенковски.

Потоа, тој се осврна на секоја земја од регионот одделно.

„Единствен исклучок можеби е Албанија за која беше донесена одлука за почеток на преговорите. Ние ги отворивме, но не ги почнавме, како што стојат работите тешко е да се предвиди каде и кога тоа ќе се случи. БиХ доби кандидатски статус, но со 14 строги услови и без можност да ги користи фондовите кои следуваат за земја-кандидат за членство. На Косово заради збиднувањата на северот му се закануваат дури и санкции од страна на ЕУ и САД. Посебна приказна се Србија и Црна Гора, држави кои преговорите ги почнаа пред цели 9 односно 11 години“,

констатира експретседателот.

Токму со образложение дека процесот на преговори со нив тече бавно, продолжи тој, пред три години Франција предложи, а другите земји прифатија нова методологија на преговорите.

Меѓутоа, и новата методологија, нагласи, не даде резултати.

„Да се потсетиме дека токму заради тоа, а не заради бугарското вето во октомври 2019 година и покрај позитивната препорака од страна на Европската Комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. Што е резултатот од новата методологија? Овие три години ниту Србија ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив значаен чекор напред во процесот на преговорите. Со други зборови, од различни причини, за различни држави процесот на евроинтегрирање на целиот регион или стои во место или бележи симболички напредок“,

рече Црвенковски.

Во ваква ситуација како сега, односно ако нема промени, експретседателот вели дека не е оптимисти дека би можело да има напредок и во наредните неколку години.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста