„Црвениот поет“ конечно ја виде светлината на денот, но само за ограничена публика
„Црвениот поет“ конечно ја виде светлината на денот, но само за ограничена публика. Шест години откако е снимена, наместо да се емитува на телевизија, серијата се прикажува само во рамки на фестивалот „Рацинови средби“, токму во родниот град на поетот, Велес.
Режисерот Никола Поповски за Алфа вели дека е среќен што серијата ќе биде прикажана макар и за вака мала публика, иако како што вели тој, според договорот со Агенцијата за филм, истата треба да биде прикажана на национална телевизија, што засега не е направено.
- Обврската од финансирањето на серијата од страна на Агенцијата за филм, за нејзино прикажување на телевизија, постои и таа мора да биде испочитувана, кои се причините бидејќи тоа се уште не е остварено, навистина не можам да тврдам, бидејќи не сум до крај упатен во сите правни аспекти на договорите. Се надевам дека ова прикажување ќе ппоттикне конечно да се серијата да дојде до сечиј дом, да може и широката македонска публика да ја гледа, вели Поповски.
Алфа се обиде да добие одговори од продуцентот, на прашањето зошто серијата не е емитувана ниту на јавниот сервис, ниту на ниедна национална телевизија, како што стои во договорот, но тој одби да даде изјава.
Претседателот на Советот на општина Велес, Зоран Љутков, за Алфа вели дека ова не е премиерно прикажување на серијата, туку само јавно прикажување.
- Јас, знаејќи дека оваа серија постои од 2018 година, дека не е прикажувана, јас постојано си го поставував прашањето што се случува со оваа серија, кога ќе си го најде својот пат. Често разговаравме со продуцентот, како да најдеме форма да може тоа да се прикаже, а по закон таа треба да биде прикажана на национална телевизија како премиерно издание, ова не е премиерно издание на серијата туку едноставно ова е јавно прикажување на серијата Црвениот поет,вели Љутков.
На проекцијата присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, но таа си замина по завршувањето на првата епизода, иако беа прикажани три.
Инаку телевизија Алфа неколку пати се обиде да добие право да ја прикажува серијата, токму по сите членови и услови од договорот,
Во договоротот меѓу продукциската куќа „Сектор филм“ и Агенцијата за филм стои:
Член 23 од Договорот помеѓу Агенција за Филм и продукциска куќа „Сектор Филм“
Доколку продуцентот во рок од три години од целосна реалзиација на играната серија не ја емитувал на територија на Македонија, должен е без надоместок да ја понуди на јавното претпријатие „Македонска радио -телевизија“, на националните, на регионалните и локалните телевизии.
Иако продуцентот со неемитувањето на серијата го крши договорот, тој и натаму добива други проекти од Агенцијата за филм.
Инаку серијата посветена на македонскиот револуцинер, Кочо Рацин, го чинеше државниот буџет 23 милиони денари. Таа се чуваше во бункер шест години по ред, за конечно да се емитува на фестивалот во Велес, но не и на телевизија.. Помеѓу шпекулациите во јавноста, најгласна е онаа дека серијата систематски се цензурира, бидејќи е сместена во втората светска војна, период во кој Македонија се наоѓа под бугарската фашистичка чизма. Во серијата е прикажано и држењето во затвор и измачувањето на Рацин од страна на полицијата.
Мери Симоновска