Ципрас: 2019 ќе биде година на преродба на Грција

Ова е прва Нова година кога можеме да кажеме дека жртвите и битките на грчкиот народ се исплатеа, истакна премиерот на Грција, Алексис Ципрас во неговата новогодишна порака до граѓаните, потенцирајќи дека земјата, првпат по осум години е надвор од „задушувачкиот прстен на меморандумите”.

Ципрас говореше за иднината на Грција, за 2019-та како година на надеж и оптимизам, но и година на преродба на земјата.

– 2019 е прва година на здив и слобода по толку години, одново ја добиваме битката со вработувањата. И продолжуваме да се движиме уште побрзо за дополнително намалување на невработеноста. Веќе ја добивме битката за враќање во нормала со 350.000 нови работни места до денес, но нашата цел останува да ја добиеме војната. Да се спречи заминувањето во странство на нашите млади, способни и креативни луѓе. Нашата татковина одново да стане нивна татковина, а не маќеа за нашите деца, рече Ципрас во новогодишното обраќање.

Тој истакна дека заврши периодот на мерките за штедење и потсети на дел од најавените владини позитивни мерки, како што се враќање на колективните договори и зголемување на најниската плата.