Ципрас собира гласови за ратификација, Мицотакис се придружува на протестот против Преспанскиот Договор

Ратификација на Преспанскиот Договор е можна уште следната недела – Ципрас брои гласови, а Нова демократија повикува на протести. Иако законски Договорот може да помине и со помалку од 151 пратеник, целта на грчката Влада е апсолутно мнозинство. Премиерот овој период е во лов на што е можно повеќе пратеници – за Договорот да има силна моќ, во внатрешноста на земјата и во меѓународните организации.
Засега сигурни дека ќе гласаат се само 149 пратеници. Кокалис и Зурарис од Независни Грци кои кренаа рака за доверба, не го поддржуваат Ципрас и за Договорот.

Допрва ќе се знае каква ќе биде позицијата и на Движењето Река. Тие на вчерашниот состанок на политичкиот совет одлучија дека остануваат во опозиција, но сакаат да се реши проблемот со името . Изјавата на нивниот лидер Теодоракис во собраниската сала пред два дена, се толкуваше дека партијата ќе го гласа Договорот.

  • Глас за доверба на владата значи во секој случај позитивен глас за Преспа, додека напротив, позитивен глас за Преспа, не значи глас за доверба на Владата, кажа Ставрос Теодоракис.

Енигма е и позицијата на лидерот на Демократска левица- кој не е исклучено да отстапи од ставот на коалицијата и да гласа за Договорот. Па така, според одредени проценки – Ципрас поддршка може да добие од 153 или 154 пратеници.

Додека Владата собира гласови, опозициска Нова демократија бара предвремени парламентарни избори и повикува на протест во недела.

– Во недела на протестот мора да има што поголем број на луѓе. Тоа е нашата патриотска должност да излеземе на плоштадот Синтагма , без разлика од каде доаѓамe, повика Андонис Георгиадис од Нова Демократија

Во меѓувреме Преспанскиот Договор следната недела се очекува да влезе во собраниска процедура . Договорот прво да помине низ надлежните комисии. Дали ќе има повеќе од една комисија ќе одлучи претседателот на Парламентот на заеднички состанок со неговите потпретседатели најверојатно уште во понеделник. Откако ќе ја помине Собраниската Комисија, Договорот од Преспа ќе влезе на пленарна седница.