Ципрас во Скопје ветува пријателство – Мицотакис од Солун најавува блокади

Ципрас во Скопје ветува пријателство и сојузништво, неговиот најголем политички ривал Мицотакис од северна Грција најавува блокади на македонскиот пат кон ЕУ. Лидерот на, во моментов најпопуларната партија во Грција, Нова Демократија во Солун изјави дека доколку дојде на власт, тој ќе и стави вето на „Северна Македонија“ за пристапување во унијата, бидејќи со Преспанскиот договор се повредени интересите на Грција. Во врска со неговите закани „Нафтемпорики“ пишува дека иако нема враќање назад на пристапот на соседната држава кон НАТО, владата на Мицотакис лесно може да го спречи нејзиниот влез во ЕУ, бидејќи таму се бара едногласно одобрување на сите 28 земји членки. На локалните производители во провинцијата Македонија Мицотакис им порача дека ќе дејствува за да ги заштити производите и бренд имињата со името „македонски”, од компаниите во нашата земја кои го користат истиот назив за да ги обележат своите стоки.

– Ветуваме сеопфатен план за заштита на производите од Грчка Македонија од каква било закана од производите на северниот сосед. Грчките граѓани нема да му дадат трета шанса на Ципрас кој направи раздор во грчкото општество – изјави лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис.

Мицотакис вели дека новата влада со него на чело ќе покаже солидарност до граѓаните на северна Грција кои се чувствуваат изневерени и понижени со потпишувањето на Договорот од Нивици, пишува „Катимерини“. Инаку грчките трговци кои се дел од Солунската трговска комора одбија да бидат дел од придружбата на Ципрас, со образложение дека не сакаат да служат за декор, а ако сакаат да тргуваат со северниот сосед можат во било кое време и самите да си допатуваат во Скопје.

Пред изборите за Европскиот парламент во мај и изборите во Грција кон крајот на годината Нова демократија има стабилна и голема предност во однос на владејачката Сириза, а и личниот рејтинг на Мицотакис е поголем од оној на премиерот Ципрас.

Драган Милосављевиќ