Ципрас најави блокада за северниот сосед доколку не поминат Уставните промени

Ципрас најави блокада за Македонија ако пропадне Преспанскиот договор. Грчкиот премиер на обраќањето пред членовите на “Сириза” кажа дека вратата за Македонија кон ЕУ и НАТО е отворена, само ако се имплементира  договорот кој го потпишаа двајцата министри за надворешни работи Димитров и Коѕијас во Нивици. Преспанскиот договор бил единствена и незаменлива можност за двата народа – доколку пропадне,  Македонија ќе добие блокада во сите меѓународни сојузи во кои членува Грција.

– Ако нашите соседи го отфрлат овој договор преку процесите кои што се целосно за почитување и предвидени од нивниот Устав, ќе треба да знаат, и морам да го кажам тоа искрено, дека нема да има алтернативни решенија за нивен влез во Европската унија или во други меѓународни организации во кои сакаат да се зачленат или веројатно во одбранбени сојузи и соработки во кои Грција учествува или ќе учествува. Грција нема да дозволи, нема да прифати влез на соседната земја во НАТО, во Европската унија или во друга меѓународна организација или во било кој друг состав на безбедносна соработка со уставно име што ќе биде Република Македонија, вели Ципрас.

И високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини која присуствуваше на самото потпишување на Договорот,  денеска на само еден ден од фазата гласање за промена на Уставот со порака – позицијата на Еу била јасна, силна поддршка за Преспанскиот договор.

– Нашата позиција е јасна: ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори. Се надевам дека сите страни ќе ги зграпчат моментот и дека ќе обезбедат иднина во ЕУ за земјата, иднина која цела нација се надева со години да стане реалност, вели Могерини.

Утре во Собранието пред народните избраници на маса ќе бидат ставени уставните измени.  Владата очекува двотретинско мнозинство за промена на Уставот – Опозицијата и натаму останува на претходниот став – дека нема да гласа .

До последен момент Уставната комисија во Собранието течеше со неотстапување од позициите: опозицијата дека процесот мора да запре, дека немаат мандат за промена на уставното име, дека договорот е штетен а целиот процес, вклучително и референдумот неуставен. Владата пак не гледа друга солуција освен Преспанскиот договор

Сепак што ќе се случи и која ќе биде иднината на Преспанскиот договор за промена на името кој се потпиша овој јуни , зависи од тоа како ќе одиграат пратениците утре на пленарната седница.