Центар за граѓански комуникации: Компании за време на криза наместо ковид тестови, купувале луксузни автомобили

Центарот за граѓански комуникации објави извештај во кој има сериозни податоци за можни коруптивни набавки под оправдувањето дека се дел од мерките за заштита од Kовид-19. Па така на пример, набавен е луксузен автомобил металик боја, со кожен волан, зошто? Никому не му е јасно како еден ваков милионски платен автомобил би можел да придонесе кон поголема заштита од до неодамна смртоносниот Ковид. Во време на пандемија се трошеле народните пари.

Службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и скапа металик боја на колата, се само дел од јавните набавки на стоки и услуги со оправдание дека се заштита од ковид-19, чии сомнителни договори се склучени минатата година. Ова стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации. Според истиот, како јавни набавки за Ковид биле купувани производи што немаат врска со пандемијата, за што се трошеле огромни пари.

  • И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција, покажува Извештајот.

Мониторингот детектирал дека јавните набавки поврзани со пандемијата, и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со ризици од корупција и дека плаќале многу поголеми цени за набавките отколку нивната реална вредност додека земјава се гушеше во здравствена и економска криза.

  • И по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција и дека проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите. Како проблем се посочува и тоа дека кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Анализата покажала дека има големи разлики дури и за пет пати во цените за исти производи, набавени во ист временски период, при набавката на реагенси. Недостига документација, како и транспарентност во постапките за набавки.  Центарот тука ги гледа ризиците од судир на интереси и корупција.

Извештајот е изработен врз основа на мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

Опфатените постапки претставуваат 52% од сите тендери за Ковид-19, односно вкупно 77 тендери. Нивната вредност изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4% од вредноста на сите тендери за Ковид во анализираниот период, кои тежеле 4,1 милион евра.

Борис Грујоски