Центар за болни со Прадер-Вили синдром ќе има, но не се знае кога и каде

Центар за згрижување на луѓе со Прадер-Вили синдром во Македонија ќе има наскоро, но нема да биде во Берово. По сторијата на Алфа министерот за здравство вели дека ги послушале сугестиите од родителите кои барале поблиска локација. Сепак, конкретни планови кога и каде ќе биде изграден нема.

-Во многу наврати тие дечиња биле лекувани во странство, меѓутоа ние најдовме соодветен објект во општина Берово, разговаравме и со родителите, а дел од нив не се согласуваа тој да биде во Берово. Побаравме и најдовме и други локации, за кои ќе ги известиме и во најкраток период, ќе започнеме со адаптација на било кој од просториите, за кои заеднички сметаме дека добро ќе послужат за оваа намена, изјави министерот Филипче.

Државата, преку Детската клиника, ги плаќа двете негователки за Ема Кососка, дваесетгодишна девојка со Прадер – Вили синдром од Скопје. Нејзината мајка вели дека ова не е доволно и бара ќерката да биде згрижена во некоја од Клиниките, или да биде испратена на лекување во странство.

-Побарав лично од министерот, каде знае, дали во државна или приватна болница во државава да ја прими. Ниту една клиника не сакаше да ја згрижи, а од Ендокринологија изготвија конзилијарно мислење дека Ема треба да се згрижи во Центар во Германија, вели Валентина Костоска.

Иако мајката е незадоволна, Ема има повеќе од другите со ваков синдром. За нив воопшто и не се обезбедени негувателки, но од министерството велат дека за останатите, немало потреба за ваква помош, бидејќи нивната состојба не е толку сериозна.

Прадер – Вили е синдром кој предизвикува непрекината глад која не може да се контролира што резултира со екстремна телесна тежина, но меѓу последиците се и намалена интелектуална способност, отежнат говор, проблеми со дишењето и однесувањето.

Сања Трајковска Ставров