Србија, Босна и Бугарија имаат и поевтин бензин и повисоки плати

Србија, Босна и Бугарија имаат и поевтин бензин и повисоки плати. Во Македонија просечната плата е 31 илјади денари и со неа може да се купат 290 литри 98-ка. Србите со просечна плата повисока за 6.000 денари, ќе си наточат 369 литри бензин по нивните, пониски цени. Во Бугарија, просечната плата е околу 700 евра и со неа може да се купи 421 литар. Во Грција горивото е најскапо, но и платите се највисоки, па така со просечни месечни примања може да се купат 486 литри бензин. Единствено Албанија е со просечна плата, за нешто ситно, под онаа во Македонија, па би се снабдиле со 266 литри гориво.

За разлика од кај нас, владите во регионот и во Европа преземаат низа економски мерки за да го заштитат буџетот на граѓаните. Па така, Србија за да го заштити стандардот на граѓаните ја продолжи мерката замрзнување на цените за нови 30 дена.

И во Германија има поевтини горива откако владата се откажа од голем дел од данокот на енергија. Оваа мерка ќе трае до 1 септември, период во кој Германците најмногу патуваат. Во моментов, бензинот е поевтин за 35, а дизелот за 17 центи, и во просек, 2,01 евро, а дизелот 1,99 евра за литар.

Од друга страна во Македонија во моментов нема никакви мерки за заштита на стандардот на граѓаните, откако пред две дена се врати ДДВ-то за горивата на 18% и се вратија старите акцизи. Инаку најголем дел од цената на горивото се токму давачките кон државата.

Еден литар Супер 98 во моментов чини 107 денари. Во оваа сума влегуваат речиси 5 денари надоместок за трговска маржа, 0.75 денари за транспортни трошоци, речиси 0.9 денари за нафтени резерви и дури 22 денари по литар за акциза односно диркетна давачка во државниот буџет, како и 0.08 денари за заштита на животната средина.

Во моментов од секој литар бензин државата зема речиси 30 денари.

Викторија Миткова

Advertisements

Поврзани вести