Цените вон контрола, Владата седи со скрстени раце – експертите бараат итни мерки за да не потонеме во сиромаштија

Ценовното цунами коси се пред себе. Основната храна како што се млекото, лебот, овошјето и зеленчукот стануваат недостижни за купување. Веќе никој не купува на кило, туку се мерат грамови. Владата како да седи со скрстени раце и од далеку немо посматра. Експертите предупредуваат дека мора да преземат итни мерки, во спротивно ќе потонеме во сиромаштија.

Цените на прехранбените производи одат нагоре, од ден на ден. Откако поскапеа млечните производи, особено сирењето и кашкавалот, сега се најавува зголемување на цената и на лебот. И зеленчукот и овошјето нагло скокнаа во последните неколку недели. Па така, ако во јули доматите и краставиците одеа за 40 денари, сега стасаа до 100 денари за килограм. И пиперките до скоро држеа цена од 50 денари, но сега се и дупло поскапени. Економистите алармираат дека мерки се потребни сега и веднаш, за ублажување на ценовниот шок.

- Мерки се потребни, но никогаш не се доволни, иако се носат. Тие требаат сега за граѓаните. Јас би сакал да видам кохабитација и поголема соработка со фискалната и монетарната власт. Било кои мерки и колку и да се труди државниот апарат ефектите ќе се недоволни и спори, зошто – зашто немаме дволно механизми, немаме доволно капацитети за храна, за екергија, мора да се работи поактивно за на долг рок да се види нешто за добробиот на граѓаните кои тешко издржуваат периодов, вели меѓу другото за Алфа економистот Синиша Наумоски.
Професорот Синиша Наумоски додава дека економската слика на Македонија воопшто не е добра и дека е потребна сорабтка меѓу бизнисот и власта, но и поголема координација меѓу државните институции.

Дека на скапотијата и нема крај алармираше и Сојузот на синдикати кој итно бара покачување на платите за луѓето полесно да го поминат овој тежок период.
- „Владата мора да си го стави прстот на чело и да поработи за стандардот на граѓаните кои со овие примања преживуваат, а не живат. Предлагаме порастот на платите на вработените сега и веднаш во насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен и приватен сектор без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво, вели за Алфа потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Иван Пешевски.

Синдикатот алармира државата да ги прифати нивните забелешки околку зголемувањето на платите, за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните.
И додека високите цени удираат по џебот на граѓаните, нема никакви мерки за колку толку да се ублажи шокот. И покрај слаткоречивоста на власта дека ќе биде добро, земјава и натаму останува меѓу лидерите по инфлација и сиромаштија во Европа.
Борис Грујоски