Цената на огревното дрво се движи кон 100 евра за кубик, ќе се стоплат ли близу 50% од домаќинствата?!

Ќе не изгори ли финански огревното дрво кое полека се приближува до 100 евра за кубен метар. Сегашната цена е речиси иста со ланската, а таа во складиштата се движи од 4.500 до 5.400 денари и повеќе за кубик. Дел од стовариштата во цената го пресметуваат превозот, а некои од нив за помали количини, на пример до 3 кубици наплаќаат 200 денари превоз, а за над 5 е бесплатно.  

Граѓаните кои досега немаат купено дрва веќе ги фаќа паника дека ќе мора да платат и повеќе од 6.000 денари за кубик, бидејќи ако се суди според ланската година цената во септември и во наредните месеци ќе оди нагоре.

Складиштата периодов се полни со огревно дрво и испораките ги прават веднаш. Сепак, никој не гарантира дека сегашната цена ќе остане и следните месеци.

  • Може да купите чисто дрво само од еден вид, а може и да ги мешате. Цената е 5.200 денари за кубен метар даб и 5.100 денари за буково дрво заедно со сечењето, ако купите од 5 кубни метри нагоре, а под тоа цената е 5.400 денари бидејќи превозот за помали количини се доплаќа и чини 200 денари, велат од еден скопски склад за порталот „ПлусИнфо“.

Цената на дрвата ја креваат и работниците кои речиси и да ги нема.

Во складиштата на ЈП „Национални шуми“ годинава важат ланските цени. Таму  кубик даб се продава 3.564 денари, буката по 3.444 денари, а јаворот и јасенот по 3.243 денари. Според планот, годинава претпријатието треба да произведе над 557.000 кубни метри огревно дрво. Дали ќе го постигне планот не се знае, зашто секоја година реализира далеку помалку од планираното.

Лани во ноември Владата реагираше кога цената на огревното дрво наеднаш скокна за 2.000 денари и достигнаа 5.300 денари за кубен метар. Веднаш цената ја ограничи до 4.500 денари. Инаку, со дрво се греат близу 50% од домаќинствата во земјава.

Парлално, лоша вест и за граѓаните што се топлат на пелети. На повеќе од 40.000 домаќинства им се заканува нов ценовен шок, откако Владата го зголеми ДДВ-то од 5% на 18%. Ако до скоро 1 kg се прдаваше за 27 денари, сега е 50 денари. Од Владата потоа рекоа дека се отворени да дадат позитивно мислење за данокот за пелети да остане пет проценти.

Производителите и увозниците се затекнати од одлуката и оценуваат дека ова е погрешен чекор, кој граѓаните ќе ги изложи на нови трошоци.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста