Цената на нафтата ќе порасне!

На светските пазари цените на нафтата минатата недела силно се зголемија, достигнувајќи највисоко ниво од ноември минатата година, бидејќи членките на ОПЕК се придржуваат на договорот за намалување на производството и затоа што Саудиска Арабија најави дополнителни намалувања.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 6,8%, на 66,25 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 5,5%, на 55,60 долари.

Скокот на цената на нафтата на највисоко ниво од ноември минатата година, е благодарение на податоците кои покажуваат дека членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери предводени од Русија, се придржуваат до минатогодишниот договор за намалување на производството од 1,2 милиони барели дневно.

Покрај тоа, водечката членка на ОПЕК, Саудиска Арабија најави  дека во март ќе го намали производството за уште половина милион барели дневно, повеќе од она што беше договорено.

Дополнителна поддршка на цените даде затворањето на делот на саудиското поле Сафанија, најголемото нафтено поле на море, со производствен капацитет од малку повеќе од еден милион барели дневно.