Целта Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година, станува нереална

Владата амбициозно најавува дека ќе стане членка до 2030 година, но сето тоа зависи од нас – уште еден од европските претставници среде Скопје ни ги сруши надежите кои ги подгреваат македонските власти. Евроамбасадорот Дејвид Гир разочаран од настаните изминатиов период. Иако ЕУ потрошила милиони за помош на Македонија да спроведе реформи во правосудството, работите на терен биле разочаровачки.

ЕУ потроши милиони во овој сектор. Ние и граѓаните со право треба да очекуваме дека тоа ќе генерира резултати. Да, но тоа не е доволно, а настаните во изминатите месеци беа многу разочарувачки. Постои потреба повторно да се заложиме за реформите. Владата го предводи овој процес, меѓутоа и Парламентот треба да ги следи во ова. Реформите се неопходни и тоа ургентно. Имаме одговорност да покажеме професионализам што го очекува јавноста преку судскиот совет, преку правосудните органи затоа што ЕУ ќе го следи овој процес од првиот ден до денот на пристапувањето – порача Гир.

И додека Македонија добива критики за недовршената работа дома – уште еднаш се покажува дека владејачкото мнозинство најмногу се посветува на уставните измени како главен предизвик на патот кон ЕУ. Според претседателот на Комисијата за европски прашања, Македонија нема да претрпи никаква штета ако во Уставот се внесени другите етнички заедници вклучително и бугарската. Арбр Адеми смета дека Македонија е пред важен предизвик кој може да се надмине само преку широк, меѓупартиски и државен консенсуз. 

Поборник сум да обезбедиме широк, меѓупартиски државен општествен консензус. Сметам и длабоко сум уверен дека немаме право да се откажеме од зацртаните стратешки цели, кои се генерациски и не се во функција на дневната политика. Потполно ги поддржувам Владата и напорите на нашите институции да влеземе во ЕУ во 2030 година. Помалку да се бавиме со политика, а повеќе да се фокусираме кон реформите – изјави претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми.
Според претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски за обичните граѓани членството во ЕУ се сведува на економска состојба и подобар живот и функционална правна држава, а во овој момент ги немаме ни двете.

Членството во ЕУ се сведува на економска состојба и подобар живот и функционална правна држава, а во овој момент ги немаме ни двете, владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата најгорливите проблеми кои треба да се решат на патот кон Унијата – изјави претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски.

На сесијата на Националната конвенција за ЕУ присуствуваше и претседателот Пендаровски кој призна дека недостатокот на правна сигурност и неефективната борба против криминалот и корупцијата се главни причини зошто граѓаните губат доверба и ја напуштаат земјата бидејќи немаат надеж дека Македонија би станала дел од европското семејство.

Адријана Алексиеска

Advertisements