„Цар Борис Трети“ ќе живее уште некое време: Комисијата наредната недела МОЖЕБИ ќе одлучува за бришење на бугарскиот клуб од Охрид
Останува непознато кога „Цар Борис Трети“ ќе ја доживее судбината на „Ванчо Михајлов“. Комисијата за употреба на имињата наредната недела можеби ќе одлучува за бришење и на охридскиот клуб. Рокот за прилагодување на имињата со новиот закон за здруженија и фондации од Централниот регистар го избриша само бугарскиот културен клуб од Битола. Охридскиот очигледно најде дупка во законот, па негово гаснење нема се уште, а и дали ќе има останува да видиме.
Од Министерството за правда велат дека дописот од Централен регистар за „Цар Борис Трети“ бил доставен до нив и ќе бил проследен од Комисијата која треба да одлучува.
-Очекуваме ,во текот на наредната недела Комисијата за употреба на имиња на личности која е владино тело да одржи седница и да го разгледа предметот по што ќе треба да даде мислење(позитивно или негативно) согласно измените на Законот за здруженија и фондации кои стапија на сила во нември 2022 гдоина. Министерот за правда ќе постапи согласно даденото мислење на Комисијата и ќе донесе решение, информираат од Министерство за правда.
Директно ја прашавме директорката на Централен Регистар, Марија Бошковска Јанковски, зошто не е избришан и охридскиот клуб, но како што ни кажа поради набиена агенда не можела да ни даде изјава, ни порача да сме се повикале на соопштението од оваа институција. Но, таму нема никаква информација за „Цар Борис Трети“, туку само дека бил избришан „Ванчо Михајлов“.
-Ве известуваме дека, на ден 22.03.2023 година, од страна на Министерство за правда до Централниот регистар на Република Северна Македонија е доставенo Решение за неусогласеност на Здружението КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ИВАН МИХАЈЛОВ Битола согласно член 5 од Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, по претходно прибавеното мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности, велат од Централен регистар.
Дека од охридскиот клуб немаат искрена намера своето име да го прилагодат на новиот закон за здруженија и фондации, претходно кажа и самата директорка на Централен регистар. Според Бошковска Јанковски, тие поднеле обичен лист хартија со кој намерата очигледно е само купување време.
-За здружението „Цар Борис Трети“ на 10.02.2023 е поднесено барање, каде што бара да се усогласи со новиот Закон за здруженија и фондации и притоа не е наведено ништо во тоа барање, тоа е еден лист хартија. Значи тој лист хартија не ја задоволува законската процедура за поднесување документи, изјави Бошковска Јанковски на 23-ти февруари годинава.
Околу плановите на бугарскиот културен клуб од Охрид, став сакавме да побараме и од првиот човек на „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски. Но, за жал кога му кажавме дека го бараме од Алфа, добивме одоговор дека не сакал да комуницира со нашиот медиум.
-Со Алфа не разговарам. Во Србија можете да правите муабет за Алфа. Ајде, телефонски кратко ни изјави Блажевски.
Инаку, самиот Блажевски претходно соопшти дека тие никаде не побарале менување на името на клубот, туку дека побарале писмено известување за тоа како клубот да функционира во иднина, согласно новиот закон.
Матеја Петровски