Хронологија на „27 април“: Како од двомесечни мирни протести се испровоцира влез на граѓаните во Собранието кое резултираше со обвинение за тероризам?

Граѓанското движење „За заедничка Македонија“, во 2017 година организираше протести против тогаш составената Тиранска платформа, која беше услов за формирање на Влада во нашата држава.

По 63 дена мирни протести, без никакви инциденти, на 27 април, во Собранието на Република Македонија прво беше запеана странска химна, а подоцна на за многумина нелигитимен начин за претседател на Собранието беше избран Талат Џафери.

Овие случувања во законодавниот дом, предизвикаа гнев кај граѓаните, кои влегоа внатре во Собранието, откако од внатре беа отворени собраниските врати.

Седум месеци подоцна, на 28 ноември 2017 година, 36 лица беа уапсени поради сомнение за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а меѓу нив и организаторите на протестите кои повеќе од месеци беа мирни и без никакви инциденти, Богдан Илиевски, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски. Меѓу уапсените беше и поранешниот прв човек на БЈБ Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Уште од тој ден, пред и да почне судскиот процес во јавноста се појавија сомнежи дека се работи за политичка одмазда, поради што и уште првиот ден имаше протести пред судот.

Сомнежите ги подгреа и изјавата на сегашниот градоначалник на Скопје, тогаш портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, кој два дена по влегувањето на граѓаните во Собранието, го кажа делото, за кое подоцна беше и напишано од Обвинителството

Основното јавно обвинителство го поднесе обвинението кон крајот на март 2018 година, а судскиот процес започна на 22 август истата година, со 33 обвинети лица, а дел од рочиштата траеја и по цели денови.

Откако Собранието го изгласа законот за амнестија за овој процес, ослободени од обвинение беа 15 лица, еден од нив беше и пратеникот Крсто Мукоски, за кого во обвинението пишуваше дека доколку не ги отворел вратите од законодавниот дом ништо од тоа што се случило немало да се случи, како и пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, тројцата од ослободените во овој случај кои гласаа за уставните измени.

Амнестија воопшто не побараа Дурловски, Душко Лазаров, Јане Ченто, Игор Југ и Митко Чавков. Токму притворањето на поранешниот директор на БЈБ фрли уште една дамка на целиот процес за настаните од Собранието. По барање на Обвинителството, судот во експресен рок прифати да го испрати Чавков во притвор, иако од таму кажаа дека станува збор за невообичаена пракса.

Неговиот адвокат, Сашко Дукоски, пред камерата на Алфа кажа дека решението за притвор на неговиот клиент е противзаконско и покажува дека веќе е донесена пресудата, која според него ќе биде најмалку 14 години затвор, но потенцираше дека не постои меѓународен суд каде истата не би паднала.

15-ти март е денот кога овој процес кој остави многу сомнежи околу својата основаност и дека можеби зад него има политичка позадина, ќе дојде на крајот. 17-те обвинети кои останаа во судските клупи ќе ја дознаат својата судбина. Минимална казна за ова кривично дело е 10 години затвор.

Матеја Петровски