Хронологија на несреќи во историјата на Македонија

Несреќата на автобусот кај Карпалак се вбројува во поголемите кои некогаш се случиле во нашата земја. Најтрагичната несреќа со најмногу жртви во поновата историја беше скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година. Загинаа 1100 луѓе, над три илјади беа повредени, а речиси целиот град беше разурнат при што без покрив над главата останаа 200 илјади луѓе. Во 1993 година Македонија беше сведок на две стравични авионски несреќи. На петти март при полетувањето од скопскиот аеродром, се урна патнички авион „Фокер 100“ на „Палер Македонија“ со 97 патници. Во несреќата загинаа 86 лица, а министерот Антони Пешев си поднесе оставка од морални причини. На 22 ноември истата година патнички авион „Јак-42Д“ на „Авиоимпекс“ се урна поради грешка на пилотот и однесе во смрт 115 луѓе. Само едно лице преживеа. Авионот леташе од Женева до Скопје, меѓутоа поради лошите временски услови беше пренасочен кон Охридскиот аеродром на принудно слетување, а се урна на блиската планина. Во текот на воениот конфликт во 2001 година пак, воен хеликоптер МИ-17 удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повредени. На 12.01.2008 година –хеликоптер на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Загинаа 11 мировници на АРМ кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во БиХ. На 28 август 2008 година, авион од типот Цесна се урна во месноста Скребатно кај с. Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата животот го загубија пилотот и тројца патници, а поголема катастрофа беше избегната бидејќи авионот удри во автомобил фиќо во кој се наоѓаше малечко девојче. Авионот со тоа ја промаши толпата во близина, а девојчето помина само со шок, но без телесни повреди.

Најголемата несреќа на Охридското езеро се случи следната година, на петти септември 2009-та, кога потона бродот „Илинден“ , а животот го загубија 15 туристи од соседна Бугарија. Македонија претрпе и две тешки трагедии предизвикани од невремето. На четврти август 2015 шест лица загинаа во наноси кај тетовското село Шипковица, додека на шести август 2016 година во поплавите кај скопската обиколница животите ги загубија 22 лица.

Во хрониките се забележани уште десетина тешки несреќи со човечки жртви. Kако прва документирана се смета авионската несреќа на 22 октомври 1951 година, кога авион на ЈАТ што полета од Белград се урна на аеродромот во Скопје, а загинаа 12 лица.

Драган Милосављевиќ