Храната поскапе – државата нема стратегија да ги заузда цените
Од 20% до 50% поскапеа млечните производи, кои се дел од основната храна. И додека граѓаните не можат да се соземат од новите цени, кои никако не им се вклопуваат во домашниот буџет, власта спокојно праќа пораки – дека цените ќе се стабилизирале. Дури и да е така, тоа никако нема да им помогне на луѓето, затоа што нивните примања, дури и да растат, не може да го следат процентот на досегашните поскапувања.
Трговците ги залепија новите повисоки цени во супермаркетите. Драстично поскапеа сирењето, кашкавалот, јогуртот, павлаката. Иако власта постојано смируваше дека нема да дојде до поскапување на производите, сепак тоа се случи. Алфа направи обиколка во неколку поголеми маркети, и сликата е поразителна. Литар јогурт од 70, скокна на дури 90 денари. Кравјиот кашкавал кој досега одеше за 500 денари, сега се продава по 600 денари за килограм. Овчиот кашкавал замина до 900 денари, мешаниот околу 700, додека пак кравјото сирење се продава над 400 денари, а овчото за над 500 денари за килограм.
- Па кај се видело жити се човече од 400 на 600 денари за скокне сирењето. Катастрофа. Толку може да кажам. Но немам зборови со кои може да се опише оваа состојба, страшно е ова со цениве, реагираат меѓу другото граѓани пред камерата на Алфа.
Од направената обиколка во маркетите, покрај млечните производи, камерата на Алфа забележа и ново поскапување и кај овошјето и зеленчукот.
Ваквиот раст на цените се должи на тоа што земјава нема доволно домашно производство, велат економските експерти. Според професорот Абил Бауш, цените уште ќе одат на горе, ако државата не воспостави реална, а не козметичка стратегија.
- Увезуваме зеленчук од соседството, главно од Албанија, па и од секаде, и таму веќе е покачена цената, и кога ќе дојде кај нас тој по аутоматизам е поскап, па затоа се продава поскапо, зошто? Затоа што немаме доволно домашно поизводство. Немаме стратегија, немаме ништо, а немаме ни луѓе кои треба да работат, мора да има државата капацитет за тоа, е не само да се фалат дека инфлацијата паѓа. Да, таа се намалувам ама што добиле граѓаните? Ништо, поготово ранливата категорија граѓани. Мора да има решение на долг рок, вели меѓу друото за Алфа, економистот Абил Бауш.
Економистите додаваат дека иако инфлацијата се намали и стана едноцифрена, сепак тоа не значи ништо, зашто цените буквлано експлодираа, и за жал никогаш нема да се вратат како до пред неколку години.
Освен покачените цени од страна на трговците, придонес за новата цена на производите имаат и маржата, која од 1 јули веќе не е замрзната.
И покрај ценовното цунами, од власта се оптимисти. Велат дека цените ќе се стабилизирале, ама кога – не кажаа. До тогаш, граѓаните се оставени на милост и немилост без никакви мерки за колку толку да се ублажи ценовниот шок.
Борис Грујоски