Холандија се подготвува да биде нов финансиски центар на ЕУ после Брегзит

Холандскиот регулатор за финансиски пазар – АФМ соопшти дека се подготвува зголемување од 20 пати на финансиското тргување на својата инфраструктура, во случај Велика Британија да излезе од ЕУ во март без постигнат договор.

Од АФМ наведуваат дека додека банките го селат работењето во Франкфурт и Париз, а фондовите за управување со имот во Луксембург и Даблин, брокерските куќи ја преферираат Холандија како алтернативна дестинација наместо Лондон, пренесува Ал Џезира.

„Додека во центарот на вниманието се  преговорите за граничните и царинските прашања, прилично незабележително се одвива преместување на европскиот пазар на капитал“, велат од АФМ и дополнуваат дека водат преговори со повеќе од 150 странки заинтересирани за добивање холандска лиценца за тргување на берза.

Претседавачот на АФМ Мерел ван Вронховен изјави дека очекува 30 до 40 отсто од европското тргување со финансиски инструменти да се извршува во Холандија, што таа земја ќе ја направи центар на финансиското тргување во ЕУ.