Харадинај нема решение за заминувањето на младите од Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека нема решение за заминувањето на граѓаните на Косово на работа во странство и ја понуди својата функција секому кој што би можел да најде решение за тој проблем, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната седница на Владата, Харадинај им изјави на новинарите дека таквата ситуација во земјата владее веќе десетина години, а единствено може да се смени со отворање на нови работни места.

– За тие што немаат работни места и наоѓаат работа во Германија или Австрија, оправдано е што заминуваат. Ова е вознемирувачка појава, но не е од денес. Со нашите капацитети е невозможно да ја решиме невработеноста веднаш. Овие редици пред амбасадите се исти веќе десет години. Тој што ќе најде работно место во Германија се радува. Не велам дека е тоа добро, но за тие што немаат работа е добро што наоѓаат решение. Ако некој може да најде решение за овој проблем нека повели нека го преземе моето место, изјави Харадинај.

Тој им забележа на медиумите дека на проблемот со иселувањето на младите непотребно му даваат преголемо значење.

Запрашан за мини-самитот на премиерите од регионот што најави дека ќе го свика во Приштина, Харадинај рече дека не се откажал од намерата, но оти неговата организација е поместена на календарот на активности поради динамиката на другите работи.