Хаварија во РЕК Битола- дали ќе поскапи произведената струја?

Хаварија во рудникот за ископ на јглен „Брод- Гнеотино“ се случи во текот на вчерашниот ден и производството  и дотур на јаглен е во прекин. При преместувањето на багерот СР(с) 2002 дошло до згмечување на лентата помеѓу него и претоварниот уред, со оштетување на  носечката  конструкција на лентата. За среќа, повредени лица нема. Од државните електарни велат дека допрва ќе се утврдуваат причините за штетите, но се оптимисти дека овој дефект што го прекина производството на јаглен во РЕК Битола за брзо ќе се санира.

-Се прават анализи на штетата и првичните анализи покажуваат дека штетите не се големи. Санацијата на тој дефект ќе трае пет до седум дена и во овој период системот нема да биде во функција. Овој период ќе го искористиме за санацијаи на други делови на системот во рудникот „Брод- Гнеотино“. Задруги детали, би оставил да кажат стручните служби што ќе го подготвата извештајот- рече Драги Миновски, генерален директор на ЕЛЕМ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска претстојуваше во Битола, како поранешен директор на ЕЛЕМ и добар познавач на состојбите во РЕК Битола, вели дека поради хаваријата ќе поскапи цената на произведената струја.

-Застојот би требало да биде неколку недели и цената на чинење е неколку стотици илјади евра, но она што е позначајно во случајов, ќе имаме застој во ископот на јаглен во рудното наоѓалиште Брод- Гнеотино, односно застојот можеби фиизички нема да се посчуствува, но со дополнителни мерки на ископ со помошната механизација. Тоа значи ќе има зголемени трошоци, односно цената на произведен МWh што ќе доаѓа од РЕК Битола, ќе биде значително поголема- рече Мицкоски.

Една од причините за хаваријата, смета Мицкоски, е субјективниот фактор    поради смената на стручните и обучени кадри по партиски клуч.

-Се води сериозна хајка против компетентни лица и ракувачите на такви машини и уреди во РЕК Битола и голем дел од нив се прогласени за неподобни од раководството и се преместени на други работни места, а таму се донесени чуѓе што не умеат да ракуваат со таков вид на опрема и претпоставувам дека една од причините да се случи ваква една хаварија е токму несовесното и неодговорно ракување со машината- рече Мицкоски.

Од РЕК Битола најавија дека за брзо ќе излезат со иформација за штетите и последиците од нив, а дали некој ќе биде повикан на  одговорност, допрва ќе видиме.

Петар Стефановски