Францускиот предлог прифатлив за Бојко Борисов: Најдоброто што може да го добие Бугарија

Францускиот предлог најдобар можен за Бугарија, па дури и за Бојко Борисов, кој во повеќе наврати ја блокираше Македонија на европскиот пат. Кирил Петков го доби потребното мнозинство, 59-те пратеници на ГЕРБ ќе гласаат за прифаќање на документот на Емануел Макрон во бугарскиот Парламент. Борисов порачувајќи дека Петков бил кукавички премиер, кажа дека му верувал францускиот претседател и дека за Бугарија подобар од овој предлог не може да има.

-Верувам во Макрон, верувам во Евриоската Унија. Сè што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. Европската Унија и НАТО во моментот бараат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го почна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и не може да биде подобра, изјави Борисов.

Презадоволен од францускиот предлог е и бугарскиот претседател Румен Радев. Велејќи дека е најдобар мoжен за Бугарија, порача дека се уште било рано да се прогласува историска победа, бидејќи Македонија морала уште да исполнува за да биде тргната блокдата на европскиот пат.

-Сакам да ги повикам бугарските политичари да не избрзуваат да објават историска победа. Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документи – првиот е Преговарачката рамка, која е обврска и ја подготвува Европската Унија. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел на преговарачката рамка, изјави Радев.

Бојко Борисов за прифаќањето на францускиот предлог доби благодарност од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

-Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов за историската одлука за Европа и за Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог, дозволувајќи да се отворат пристапните преговори со Македонија. Очекуваме владата да ги достави неопходните предлози до парламентот денеска за да може Европа да оди напред, напиша Вархеји.

Со почеток во 15 часот денеска францускиот предлог ќе биде пред комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент, по што ќе оди на разгледување кај националниот совет, со кој претседава Румен Радев, а на крајот треба да биде изгласан и од сите пратеници во Собранието. ГЕРБ од Петков побараа и Владата првично да го каже својот став околу францускиот предлог, што беше одбиено од кабинетот на бугарскиот премиер.