Францускиот предлог е испечатена и затворена книга, дебатата на власта е само про-форма

Консултации со партии, институции, експертска фела, граѓански организации, работни парламентарни групи – Власта организира брза расправа за предлог кој е веќе заклучен. Тоа веќе неколку пати го повтори официјална Софија, а дека не може да се менува францускиот предлог потврди и претседателот на Франција, Емануел Макрон.  По се изгледа, власта само декларативно ќе ги вклучи сите политички чинители и експерти во целиот процес, бидејќи дури и сами признаваат дека не станува збор за промени во францускиот предлог или преговарачката рамка. Се поставува дилемата, зошто властите се инсистираа дури и на работни парламентарни групи, чии заклучоци нема да дејствуваат на промена во преговарачката рамка, туку само ќе бидат насока за тоа какви чекори ќе се преземаат понатаму.

Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани. Во таа насока ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните -историски и образовни прашања – изјави вчера пратеникот од СДСМ Јован Митрески.

Овие изјави покажуваат дека власта нема да настојува на промени во преговарачката рамка, иако опозицијата предупредува дека ако го прифатиме францускиот предлог таков каков што е, би било погубно за македонскиот национален идентитет. ВМРО-ДПМНЕ дадоа јасни забелешки во однос на преговарачката рамка, но не се знае дали истите ќе бидат земени предвид. Не е познато ниту кога ќе биде следниот состанок на работните групи од репрезентите на македонското Собрание.

Првата точка во која што интервенираме е точка три од општиот став каде што бараме реченицата „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат.  преговарачката рамка бараме во точка 1 да се избришат зборовите „првата фаза од“ односно поедноставно кажано да нема поделба на првата меѓувладина конференција и да не се условува со промена на Уставот, туку веднаш да започнат преговорите – изјави вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Власта и натаму убедува дека мислењето на граѓаните е важно. Тоа го кажа Ковачевски кога најави широк консултативен процес за францускиот предлог, дека меѓудругото ќе се состануваат со граѓански организации. Сепак, не се извлекоа посебни заклучоци од состанокот со граѓанскиот сектор кој Ковачевски го имаше минатата недела. Тој и среде Брисел, кога го одби францускиот предлог, кажа „мојот народ мора да се почитува“.

Но по се изгледа, не е важен гласот на народот, бидејќи  шетти ден денеска се протестира, но никој тоа не го зема предвид.

Претходно,  францускиот предлог се најде на маса и на Советот за безбедност, а претседателот Стево Пендаровски кажа дека е прифатлив.

Во меѓувреме, дел од помалите партии во владината коалиција, неколку пати предупредуваа дека мора да го видат протоколот кој би требало да се потпише со Бугарија, за да може да се извлечат главни заклучоци кои подоцна ќе бидат насока за тоа како ќе се движи Макеоднија по ова прашање, а во спротивно, доколку францускиот предлог и протоколот задираат во националните интереси, поддршката на малите коалициони партии би била дискутабилна.

Адријана Алексиеска