Францускиот предлог влегува во Собрание

Францускиот предлог без владина одлука испратен до Собрание. Власта одлучи одговорноста за носењето одлука да ја префли врз пратениците, па на седница само ја разгледала информацијата на МНР за предлог-преговарачката рамка.

-На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Од Собрание засега нема информација што всушност е испратено од Влада, но и дали уште вечерва собранискиот спикер Талат Џафери ќе закаже седница за расправа по францускиот предлог.

Иако власта даде ветување дека заедно со сите документи од француското претседателство ќе го објави и билатералниот протокол кој го држи во најголема тајност, сепак според соопштението, истиот нема да биде на увид на пратениците, туку само преговарачката рамка. Протоколот всушност ги содржи записниците од втората меѓувладина седница во која се вметнати и заклучоците од состаноците на историската комисија.

По примерот на бугарскиот премиер Петков и Ковачевски сега топката ја префрла во Парламентот.

Со оглед на тоа дека владата нема донесено одлука, собранието ќе треба да изгласа заклучок по поднесените документи и да и препорача на Владата да го прифати или одбие предлогот, со оглед на тоа што одлуката би се носела со просто мнозинство.

Ивана Соколовиќ Најдова

Поврзани вести