Францускиот амбасадор се отвори – барате датум, а имате многу проблеми

Барате датум за преговори, а си имате многу домашни проблеми, ова на трибина за реформите во јавната администрација го порача францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. Заобиколувајќи го дипломатскиот речник тој говореше на што се треба да се работи во Македонија, велејќи дека државата имала голем проблем со корупција, дека директори на училишта се менувале дилетантски, дека во Струга градоначалникот се однесувал скандалозно, дека УНЕСКО ќе го одземел статусот на Охридското езеро. Тимоние порача дека има уште многу работа за Македонија да биде спремна за ЕУ. Тој спомена и дека треба да се поработи на департизацијата и деполитизацијата на јавната администрација.

-Направена е една исклучително квалитетна работа на запис на редакција на администрацијата, на запишување на администрацијата. Исто така ќе бидат запазени критериуми на деполитизација, но исто така и она што ние го нарекуваме департизација, вели Тимоние.

Важноста на реформите во јавната администрација ја спомена и Френк Јанмат од делегацијата на ЕУ во Македонија, порачувајќи дека истата е многу важна за европскиот пат на земјава.

-Реформата во јавната администрација е една од најважните области на кој треба да се фокусирате доколку земјата сака во Европската унија, изјави Јанмат.

Невладините сметаат дека со реформата во јавната администрација мора да се продолжи позабрзано. Љупчо Петковски од Еуротинк вели дека од нас самите зависи дали ќе си ја средиме јавната администрација, како и дека веќе дошло времето да се видат резултатите.

-Нашите внатрешни работи не треба да зависат само од поттитот што ни се дава од надвор, значи од нас треба да зависи дали ние ќе си ја средиме администарацијата или не. Помина времето на консолидација, сега треба да дојде времето на резултати, изјави Петковски

Реформата на јавната администрација беше едно од главните ветувања на власта, а како еден од проектите беше нејзиното кратење. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски избегна да одговори колкава треба истата да биде.

-Не сум јас најмалку тој што треба да каже, меѓутоа токму еден од проектите кој што го работиме заедно со ЕУ, тој е тој реорганизација и оптимизација на институциите на системот. Кон крајот на оваа година веќе ќе имаме некакви подетални информации кој што нормално ќе бидат споделени со јавноста, изјави Манчевски.

Од Фондацијата Отворено општество велат дека треба да се работи на реформите за подобра јавна администрација за добробит на граѓаните.

Матеја Петровски