Франција не се откажува: Францускиот предлог се уште жив, Макрон вели разговорите ќе продолжат

Францускиот предлог отфрлен од Димитар Ковачевски, но се уште жив за сите други. Ова го потврдува и француското Министерство за надворешни работи, од каде потенцираат дека остануваат мобилизирани за изнаоѓање решение, како Македонија би ги стартувала преговорите. Овој официјален став на Франција доаѓа откако македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кажа не за францускиот предлог. Дека разговорите продолжуваат и дека желба за договор докрајот на јуни постои, потврди и францускиот претседател Емануел Макрон.

-Блиску сме до договор, ние дадовме предлог, работевме заедно, тоа ни овозможи да ги ставиме бугарските барања, кои се компатибилни со она што Северна Македонија може да го направи, но очигледно е потребна видливост и градење доверба, изјави Макрон.

Кај нас пак остануваат на ставот дека ваквиот француски предлог не е прифатлив за Македонија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи потенцираше дека без евентуални промени во него, Македонија нема да го добие стартот на преговорите, но и односите со Бугарија и имплентацијата на договорот за добрососедство ќе биле доведена во прашање.

-Доколку Бугарија продолжува да има исти ставови тогаш не гледаме промена на позицијата и не може ние да сме виновни за тоа. Значи ние сме апсолутно спремни во изнаоѓање на решенија, кои што се во рамки на тие позиции. До сега имавме работна верзија во која останаа недефинирани во кои што останаа недифинирани некои прашања, тоа е прашањето на протоколот, бидејќи ние симболично го гледаме како парадигма на историските прашања, изјави Османи.

Македонија повторно извиси за стартување преговори, барем засега. Но, тоа не е причина некој од власта да понесе одговорност. Запрашан дали размислува за оставка, министерот за надврешни работи, одговори не.

-Прашањето на успех е релативно, зависи што значи успех. Дали е заштита на интересите на државата, државните позиции е успех или нешто друго. Ние не го квалификуваме ова прашање како црно бело прашање на успех и неуспех, ова е наша без алтернативна борба да станеме членка на ЕУ, притоа запазувајќи ги државните интереси и интересите на граѓаните, изјави Османи.

За оставка не размислува ниту вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој потенцираше дека вината требала да се бара кај други, кои според него ги рушеле позициите на Македонија, а не кај власта.

-Нашата цел е пристапување во членство во Европската Унија, но секако во исто време и заштита на нашите интереси во смисла во смисла на јазик и идентитет и започнување на процес на преговори кој што ќе биде одржлив и пакет кој што ќе можеме да го спроведеме и имплементираме на тој начин што ќе не доведе до членство, а не до нови блокади.

Сепак останува нејасно дали Македонија ќе остане цврста на својот сегашен став, со оглед на тоа барањата на Бугарија се јасно изразени и најважно од се речиси едногласни, односно ревидирање на историјата, но и проблематичниот дел дека не постои македонскиот јазик.

Матеја Петровски

Поврзани вести