Фото: Силно невреме во Скопје – грмотевици, откорнати дрвја, дожд и ветер
Силно невреме пред 16 часот го зафати главниот град Скопје. Невремето е проследено со силен ветер, интензивни електрични празнења и со пороен дожд. УХМР пред невремето издаде соопштение дека дел од фронтален систем придружен со поголема облачна и нестабилна маса се движи од Полошкиот регион кон исток, па се очекува во следниот половина час до час да ги зафати Скопскиот и Кумановскиот регион.

Според информации од социјалните мрежи, во некои делови од градот има поплави, паднати дрвја и оштетени улици. Во некои делови од градот паѓа град со големина на орев.

Како што објавија некои медиуми, дрво паднало во близина на Транспортниот центар на улица „Симеон Кавракиров“, во населбата Аеродром.

Според податоците од УХМР, до крајот на денот и во текот на ноќта во земјава времето ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд и електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.